Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска, и постојаната претставничка на УНДП, Луиза Винтон, на конференција за медиумите информираа за ревидираниот Оперативен план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за оваа година.
За ревидираниот Оперативен план се обезбедиja 16 милиони евра кои имаат една единствена цел отворање нови работни места и давање подеднаква шанса за сите. Оперативниот план предвидува право на учество на сите невработени лица без разлика дали се активни или пасивни баратели на работа, како и можност да се аплицира на огласите до периодот на пополнување на предвидената бројка на апликанти.
„Следејќи ги глобалните трендови за намалување на транзицијата ‘од диплома до вработување’, посебен акцент ставаме на младите невработени лица. За првпат, како никогаш досега, на младите амбициозни луѓе со визија им се дава шанса и одлична можност за отворање сопствен бизнис. Планираме отворање на 140 млади старт-апи, кои со доделен неповратен грант од 10.000 евра ќе добијат простор да влезат на пазарот на трудот и да го покажат својот потенцијал”, изјави министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
До крајот на годината Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот предвидува поддршка на микро и мали бизниси за креирање на 250 нови работни места за млади до 29 години, како и вклучување на 400 лица корисници на социјални услуги на локално ниво преку мерката општинско-корисна работа.