По две децении летање и истражување, утре завршува една од најважните и најпродуктивните вселенски мисии во историјата на човештвото – меѓународниот проект Касини, кој детално го истражуваше Сатурн и неговите прстени.

Пошироката јавност ќе го памети овој проект по сензационалните фотографии и откритија кои укажуваат на можноста за живот во делови од Сончевиот систем.

Касини во понеделникот изврши корекции во летањето, а утре ќе влезе во атмосферата на Сатурн каде многу брзо ќе изгори.

Мисијата, вредна 3,26 милијарди долари, е лансирана во 1997 година и до сега пропатува 7,9 милијарди километри, направи 453.000 фотографии и собра 635 гигабајт научни податоци. Најважно од се е што на научниците им даде увид во физичката и хемиската структура на прстените на Сатурн, Европа, Енцелада и Титан.