Најголемиот дел од искористените батерии завршуваат во отпад или остануваат неискористени во стари уреди. Проблемот ќе биде уште поизразен кога користењето на електричните автомобили ќе стане помасовно
Како што електричните автомобили се повеќе стануваат дел од сегашноста, така повеќе компании ќе увидат дека собирањето и рециклирањето на батерии од овие возила ќе стане одлична бизнис можност. Уште сега, малите литум-јонски батерии од уредите како паметни телефони и друго се вистински рудници на вредни метали и минерали.
Како што пренесува Financial Times, само во 2015 година во неискористените литум – јонски батерии се наоѓале метали вредни две милијарди долари. Овие батерии најчесто завршуваат во отпад или остануваат неискористени.
Кога станува збор за батериите на кои работат електричните автомобили, тие се далеку поголеми, траат од осум до десет години, а до 2025 година ќе сочинуваат 90% од пазарот на литиум – јонски батерии. Според проценките, ова ќе ја зголеми побарувачката на литиум за четири пати, а за кобалт повеќе од два пати. Ова се двата основни метали од кои се произведуваат литиум – јонските батерии, а цената на кобалтот само оваа година нараснала за 80%.
Аџај Кочар кој е коосновач и извршен директор на канадскиот стартап Li – Cycleпроценува дека до 2030 година глобално ќе треба да се рециклираат 11 милиони тони литиум – јонски батерии. Но за да биде компанијата профитабилна, треба да се рециклира скоро целиот материјал од батеријата. Тој вели дека дури и сега можат да искористат 90% од материјалот на батеријата вклучувајќи го литиумот, кобалтот, бакарот и графитот. Проблемот за сега е тоа што не постои стандардизиран процес за рециклирање.
Извор: poslovni.hr