Смртоносниот коронавирус се појави во Кина во текот на минатиот месец, а за неколку недели од него починаа 17 лица и стотици се заразија.
Случаите на зараза со овој вирус се идентификувани и надвор од Кина, во Тајван, на Филипините, во Тајланд, Јапонија, Јужна Кореја, а беше потврден и првиот случај во САД.
Првиот случај на зараза со овој вирус бил забележан во градот Вухан, а бил поврзан со консумирање храна купена во локална продавница за морска храна. Градските власти на Вухан пред една недела соопштија дека некои примероци од продавницата биле позитивни на коронавирусот.
На пазарот, освен риби, се продавале и други живи животни, вклучувајќи птици, зајаци и змии, што укажува на тоа дека вирусот може да се пренесе од животни на луѓе, како што беше случајот со вирусот САРС.
Во Вухан живеат 11 милиони луѓе. Обично улиците се полни со луѓе, но сега некои делови од градот главно се празни. Оние граѓани што се одлучуваат за прошетка носат заштитна маска.
Пазарот од каде што почнало ширењето е празен, сите штандови се затворени. Полицијата и безбедносните служби стојат пред него со маски на лицето, забранувајќи снимање или влегување во тоа подрачје.
Оваа локална продавница за морска храна секогаш била полна во овој период од годината.
Градските власти најавија низа нови мерки за потиснување на епидемијата. На туристичките агенции во Вухан им е забрането да носат групи надвор од градот. На аеродромот, железничките станици и метроата од 14 јануари се поставени инфрацрвени термометри за мерење на телесната температура на патниците што излегуваат од градот.
На експресниот воз Пекинг-Вухан вработените немале маски на лицето. Од Си-ен-ен известуваат дека управата ги замолила да не носат маски бидејќи тоа може да предизвика паника меѓу патниците, но дека железничката компанија ќе воведе задолжителни маски ако ситуацијата се влоши.
https://youtu.be/uUnp27PAql8
Некои градски хотели најавија дека ќе ги прегледуваат гостите, односно при доаѓање ќе им ја мерат температурата и ќе ги замолат да ги мијат рацете. Генералниот директор на хотелот „Вестин“ во Вухан изјави дека барал од персоналот да почне да носи маски за лице како за нивна безбедност така и за безбедноста на гостите.
Но, некои посетители не се толку загрижени за епидемијата. Јан Веикси од провинцијата Хајлонгјанг не носела заштитна маска и изјавила дека смета дека ситуацијата не е толку страшна.
– Следам сè што советуваат. Пијам многу течности и редовно ги мијам рацете. Мислам дека сè ќе биде во ред – изјави Јан, која првпат во Вухан ја слави Кинеската Нова година.
– Важно е да имате позитивен став бидејќи ако се плашите, поголема е веројатноста да се заразите со вирусот. Тоа е мое мислење – заклучува таа.
Извор: Index.hr