Коронавирусот можеби предизвикал исчезнување на тумор кај пациент со карцином, а лекарите велат дека кај тој човек можеби бил поттикнат „антитуморен имунолошки одговор“.

61-годишниот пациент на болницата „Royal Cornwall“ во Труро, Велика Британија, отишол на контрола минатото лето откако му бил дијагностициран Хочкинов лимфом, редок рак на крвта кој секоја година погодува околу 2.100 лица во земјата.

Болеста се јавува кога белите крвни зрнца излегуваат од контрола и се прошируваат на лимфните јазли, а обично се лекува со хемотерапија. Околу 90 отсто од пациентите се сè уште живи 5 години по дијагнозата.

Неколку дена откако му кажале дека градите му се преполни со тумори и пред почетокот на лекувањето, мажот бил примен во болница бидејќи развил тежок облик на Ковид-19. По целосното закрепнување од вирусот, бил повторно прегледан и било откриено дека ракот речиси целосно исчезнал.

Изненадната ремисија кај Хочкиновиот лимфом е можна, но е исклучително ретка појава. Во светот се забележани само неколку десетици слични случаи.

Овој случај бил опишан во научниот магазин „British Journal of Hematology“.

„Сметаме дека Ковид-19 покренал антитуморен имунолошки одговор“, рекла д-р Сара Шалонер од болницата „Royal Cornwall“, додавајќи дека медицинскиот тим верува дека Т-клетките, кои се борат против инфекции во телото, исто така ги напаѓаат клетките на рак и доведуваат до ремисија.

Меѓутоа, други клинички лекари предупредуваат да не се донесуваат прерани заклучоци за причината за закрепнување.

Мартин Ледвик, портпарол на организацијата „Cancer Research UK“ укажува дека е „сосема можно да станува збор за случајност“.

„Секој кој се подложува на лекување на рак, би требало да се придржува до советите од своите лекари како и да се заштити од зараза со Ковид-19, а ние ги поттикнуваме сите кои можат, да се вакцинираат“, додал тој.

Извештај во италијанскиот медицински магазин „Acta Biomedica“, објавен минатата година, опишал сличен случај во болницата Кремона во Италија.

Извор: Telegraph.rs