Причина за надградба на новата четврта генерација е комбинацијата од апстор (AppStore), потребата од побрз уред и редизајнираниот „сири“ далечински управувач
НИКОЛА БУРАГЕВ
„Веруваме дека иднината на телевизијата се апликациите“, изјави извршниот директор на „Епл“, Тим Кук при претставувањето на новата, четврта генерација на Епл ТВ. Токму апликациите и онлајн-продавницата за нивно преземање се главната разлика во однос на претходните верзии на малата црна кутија која преку HDMI-кабел се поврзува со кој било ЛЦД ТВ и го претвора во модерен телевизор со смарт-функции и интернет-пристап.
Новиот Епл ТВ доаѓа во нова, поголема кутија од својот претходник. Причините за тоа се и поголемите димензии на самото куќиште поради новиот помоќен хардвер. Во кутијата добиваме ново „сири“ далечинско и лајтнинг кабел за полнење на батеријата на далечинското, но и на другите iOS уреди доколку ги поседуваме. Стандардно доаѓа и кабел со напојување на Епл ТВ со гуместа текстура кој спречува претерано свиткување, а на допир е мек, но сепак цврст. За разлика од претходниот модел, веќе нема оптички излез за спојување на AVR (аудио-видеоресивер), исфрлен е дијагностичкиот УСБ Ц-порт, а се’ уште се присутни HDMI и етернет-портот.
Како и зошто да се користи Епл ТВ во Македонија? Одговорот е хоумшеринг и ерплеј. Како и претходно, целокупната iTunes колекција може да се преслика на големиот телевизиски екран, а како и досега, преку овој уред може безжично да се стримаат содржините од ајфон, ајпад и мек на самиот телевизор. Главна причина за надградба на последната генерација е комбинацијата од продавницата на апликации, потребата од побрз уред и „сири“ далечинскиот управувач. На прво место секако е апстор (AppStore) за новата платформа tvOS, во кој се нудат апликации од најразличен карактер. Се’ уште е мал и доста лимитиран, особено за нас во Македонија, бидејќи од многубројните стриминг ТВ-сервиси, од неодамна можеме да го користиме само Нетфликс. Се’ уште не функционираат iTunes, HBO Go, Hulu и уште голем број познати светски сервиси за стриминг на филмови и телевизиски серии.
Но, добредојден е малиот гејминг систем. Доколку не сте некој пасиониран гејмер и не можете да оправдате над 500 евра за купување на плејстејшн или ИксБокс, тука совршено се вклопува новиот Епл ТВ. Во самото далечинско има вградено акцелератор и сензори за детектирање движење, па во стилот на Нинтендо-Ви со движење на далечинското лево или десно можете да управувате со автомобил или со замавнување напред да играте игри како тенис или пинг-понг. На самото далечинско има стаклен тракпад и со движење на прстот по него управувате во поголемиот дел од игрите. Се работи за прилично забавен и не многу сериозен гејминг, за луѓе што одвреме-навреме сакаат да одиграат и некоја игра на својот телевизор. Вистински погодок!
Софтверот e одлично исполиран и дотеран, така што наликува на оперативниот систем за ајфон и ајпад наречен iOS. Самиот кориснички интерфејс е прилично модернизиран во споредба со претходните генерации на Епл ТВ и самото движење низ него и помеѓу апликациите е доста побрзо и пофлуидно, за што најмногу придонесуваат дуал-кор процесорот А8 и 2 ГБ РАМ-меморијата.
Новиот редизајниран далечински управувач, иако во техничка смисла е малку покомплициран, е попрецизен и пофункционален од претходникот. Поголем е, има вградена батерија, лајтнинг порт за полнење и тачпад за навигација низ екранот. Нови копчиња се, всушност, само функциите „сири“ и ТВ. Далечинското има два микрофона и не е потребно да се доближува до устата, барем не во многу гласни услови. Гласовните команди функционираат одлично и се’ што ќе побараме го добиваме на екранот прилично брзо и точно. ТВ-копчето е замена за мени-командата од претходното далечинско и со негово притискање доаѓаме до првичниот екран кај што се наоѓаат апликациите. Со два брзи клика на ТВ-копчето се активира мултитаскинг интерфејсот и со скролање лево или десно може брзо да се менуваат апликациите или, пак, со движење на прстот нагоре да се гасат несаканите апликации.
Главната замерка на новиот Епл ТВ е немањето 4К. Според мене, не му е ни потребен. Епл е свесен дека многу малку има 4К содржини за гледање и дека како стандард моментно најмногу се присутни 720p и 1080p. Во моментов не постои потреба да се вградува поскап хардвер, за потоа да се чекаат неколку години истиот тој хардвер да се искористи. Најпрвин треба да се среди легалното снабдување на дигиталните медиуми, и тоа на глобално ниво, па дури потоа може да се говори за 4К-резолуција на телевизискиот екран.
Поврзани артикли