Познатиот „откривач” Еван Биас и порталот VentureBeat  донесуваат детали за втората генерација на модуларниот паметен телефон на компанијата Lenovo, Moto Z2 Play. Да потсетиме, првата генерација на овој уред, Moto Z Play се истакнуваше по својата висока автономија на батеријата.

Со втората генерација, во Lenovo одлучија да тргнат во нешто поинаква насока. Moto Z2 Play би требало да биде потенок од својот претходник (потенок за еден милиметар), поради што ќе добие и батерија со нешто помала автономија (премин од батерија со капацитет 3510 mAh на капацитет од 3000 mAh). Со потенкото куќиште стигнува и помалата тежина, од 165 грама колку што тежеше претходникот, се преоѓа на нова тежина од 145 грама.

Тука е и подобрената задна 12-мегапикселна Dual Pixel камера со отвор на блендата f/1.7, која ќе ја замени досегашната 16/мегапикселна камера со отвор на блендата f/2.0.

Нов е и чипот, наместо досегашниот осмојадрен Snapdragon 625 процесор на такт од 2 GHz,  новиот Moto Z2 Play донесува осмојадрен Snapdragon 626 чип на такт од 2,2 GHz, додека графиката остана иста (Adreno 506). Наместо досегашните 3 GB RAM и 32 GB интерна меморија, Moto Z2 Play добива 4 GB RAM и 64 GB интерна меморија.

Moto Z2 Play ќе го задржи веќе познатиот 5,5-инчен AMOLED екран со резолуција од 1920 х 1080 пиксели. На пазарот ќе биде достапен во сива и златна боја.