Samsung наводно одржа таен, интерен состанок со партнерите и провајдерите во текот на CES саемот, каде што компанијата прикажа се уште ненајавени производи. Ова не претставува изненадување, бидејќи јужнокорејската компанијата тоа го правела и во минатото.
Поголемо изненадување претставуваат некои детали кои биле објавени во текот на состанокот. Најпрвин, DJ Koh – шефот на Samsung мобилната дивизија го спомена официјалното име за флексибилниот уред, кој досега сите го нарекуваа Galaxy Fold 2. Наредниот телефон на преклоп на Samsung би требало да го носи името Galaxy Bloom. Креирани се и некои (матни) фотографии кои ова го потврдуваат.
Samsung, наводно, планира промоцијата на уредот да ја насочи кон женската популација во нивните дваесетти години од животот (што го објаснува и името). Телефонот нема да има пластичен филм преку екранот, како оригиналниот Galaxy Fold, туку ќе користи ултра-тенко стакло. Galaxy Bloom ќе снима 8К видео и ќе биде прв телефон кој ќе ја поддржува оваа функција. Ќе постојат и 4G и 5G верзија на Bloom.
Покрај ова, Кох ја потврди и новата стратегија на именување за премиум Gaalxy S линијата, за која исто така имаше доста гласини во последно време. Трите модели, кои ќе бидат претставени на 11. февруари, ќе ги носат имињата S20, S20+ и S20 Ultra. Се очекува дека Galaxy S20 Ultra ќе има 108MP камера на задната страна, како и поддршка за 100x зум. Сите три модели ќе имаат можност за 8K снимање.