Нивото на морето во Бангладеш и во некои подрачја на Индија би можело да се зголеми два пати повеќе отколку што се мислеше порано, дури и ако светските челници преземат активни мерки против климатските промени.

Според истражувањето на климатологот Мелани Бекер од Универзитетот во Ла Рошел, Франција, во делови од делтата на Ганг-Брамапутра-Мегна до 2100 година нивото на морето ќе се зголеми и до 140 сантиметри, што е многу повеќе од растот кој го предвиде комисијата за клима на ОН во 2014 година, а која изнесуваше меѓу 34 и 74 сантиметри.

Во студијата при пресметките е предвидено и намалување на глобалните емисии на стакленички гасови, што значи дека реалниот пораст на нивото на морето би можел да биде многу поголем.

– За жал, можеме да претпоставиме дека растот на нивото на морето во Бангладеш до 2100 година би можел да биде и поголем од 140 сантиметри, ако дојде до раст на температурата од 3 Целзиусови степени – истакна Бекер.

Геологот Кајл Дејвис од Универзитетот во Делавер смета дека ова ново предвидување е поверојатно и дека Бангладеш би требало сериозно да размисли кои мерки ќе ги преземе во случај на најлошото сценарио на климатски промени.

Научниците во истражувањето прегледале 101 запис за мерење на приливот и протоците низ делтата. Откриле дека меѓу 1968 и 2012 година водостојот во просек се зголемувал за 3 милиметри годишно, односно побрзо од годишниот пораст на глобално ниво на морето од 2 милиметра. Со помош на сателитски снимки процениле дека меѓу 1993 и 2012 година површината на тоа подрачје пропаѓала меѓу 1 и 7 милиметри годишно.

Со помош на овие податоци тие создале модел кој го прикажува растот на нивото на морето во подрачјето на делтата од околу 100 сантиметри до 2100 година, некаде дури и 140 сантиметри. Она што особено загрижува е тоа што густо населеното подрачје источно од делтата, кое ја вклучува и Дака, главниот град на Бангладеш, веројатно ќе биде изложено на најлошиот раст на нивото на морето и последователни поплави.

Извор: Index.hr