Научниците успеале да го променат правецот на времето со помош на квантен компјутер.
Епохалното откритие се чини дека е контрадикторно на основните закони на физиката и може да го промени нашето разбирање на процесите со кои се регулира универзумот.
Во развој што претставува голем напредок во нашето разбирање за квантните компјутери, користејќи електрони и принципите на квантната механика, истражувачите успеале да го вратат времето назад. Ова е експеримент што може да се спореди со предизвикување на билјардските топчиња да се распрснат на зелената маса, а потоа да се вратат на место. Така, оној што во тој момент го гледал компјутерот, видел дека времето се вратило неколку секунди назад.
Истражувачите од Московскиот институт за физика и технологија заедно со колегите од Швајцарија и САД очекуваат техниката да се подобри, да стане посигурна и попрецизна со текот на времето.
– Вештачки создадовме состојба што се развива во насока спротивна на онаа на термодинамичката стрелка на времето – изјави раководителот на истражувањето, д-р Горди Лесовик, кој е на чело на лабораторијата за физика на квантна информација при Московскиот институт.
„Временската машина“ се состои од рудиментиран квантен компјутер составен од електрони – кубити.
Кубитот е единица мерка за квантна информација, што се состои од единици и нули.
Во експериментот била лансирана „еволутивна програма“ оспособена за сложено варирање на кубитите. Во текот на процесот бил изгубен редоследот – исто како кога билјардските топки се погодени и расфрлени.
Но, друга програма ја променила состојбата на квантниот компјутер на таков начин што се развила „наназад“, од хаос до ред.
Тоа значело дека состојбата на кубитите била вратена назад во нивната оригинална почетна точка.
Во текот на експериментот истражувачите откриле дека ако користат само два кубита, тие постигнуваат успех во 85 отсто од случаите. Но, кога ќе додадат уште еден кубит, се појавуваат грешки. Се очекува да се намали стапката на грешки кога научниците ќе ја подобрат софистицираноста на користените уреди.
Експериментот може да има практична примена во развојот на квантните компјутери.
– Нашиот алгоритам може да се ажурира и да се користи за тестирање на програми напишани за квантни компјутери и да се елиминираат бучавата и грешките – изјави д-р Лесовик.
Извор: Independent