Realme X50 5G е претстојниот телефон на кинескиот производител, кој официјално ќе биде претставен на 7. јануари во Кина. Компанијата веќе истакна некои карактеристики на уредот, а сега официјално лице на Realme објави и фотографија од телефонот, кој го открива целосниот дизајн на задната страна.
Според објавата, Realme X50 пристигнува во нова Polar Blue боја со градиент завршница. Телефонот има систем од четири камери и LED блиц. Од левата страна на рамките се видливи копчињата за звук. Се очекува дека Realme X50 ќе има перископ камера за оптичко зумирање, кое би можело да изнесува 5x или 10x.
Realme претходно потврди дека X50 5G ќе користи Snapdragon 765G процесор, кој има интегриран 5G модем и поддржува dual-mode 5G. Од предната страна ќе се наоѓаат две селфи камери, а на задната страна систем со четири камери со главен сензор од 64MP. Телефонот ќе има и VOOC 4.0 брзо полнење, кое батеријата од 4000mAh за 30 минути ќе ја полни од 0 до 70 проценти.