Француските археолози пронајдоа нова палеолитска „Венера” на локацијата Ренакурт, а пронајдокот го сметаат за „исклучителен”, бидејќи со оваа божица на плодноста се завршува испитувањето на локацијата околу Амиенс, каде на почетокот на ископувањата во 2014 година беше пронајдена серија од 15 статуетки.
Една мала палеолитска статуетка од серијата е наречена „Венера од Ренакурт“, а е исклучително добро зачувана и беше откриена минатиот јули во праисториската локација во Амиенс (северна Франција). Тоа е ретко сведоштво за типичната „граветска“ уметност на ловци-собирачи, нагласуваат од Инрап (Националниот институт за превентивни археолошки испитувања) .
Статуетката е висока четири сантиметри, со истакнати женски атрибути (задник, бутови, гради), нејзиното лице без линии како да е врамено во нејзината фризура. Новата „Венера од Ренакурт“ е како ехо на славните дами од Брасемпуј (Ланд, југозападна Франција) и Вилендорф (Австрија), со слични естетски канони, потенцираа Националниот институт за превентивни археолошки истражувања.
Локацијата Ренакурт е идентификувана како живеалиште на ловџии-собирачи кои припаѓале на гроветската култура, која се развила во Европа меѓу 28 000 и 22 000 пр.н.е.
Оваа нова Венера е најдобро зачуваната, затоа што е единствена што е целосна. Живеалиштето каде е пронајдена во јули се карактеризира со концентрација на остатоци „совршено зачувани“ од тињата, четири метри под сегашното ниво на земјата.
– Досега имаше многу малку места на северот на Франција што можеле да бидат поврзани со овој период, изјави Клемент Парис од Инрап, кој раководеше со ископувањата.
До 2014 година, пронајдени се само петнаесетина статуетки изработени од Граветијците – последното ископување било во 1959 година.
– За неколку години, ние го зголемивме двојно бројот на статуетки, што сега се 30- тина во Франција, а сто низ цела Европа, од Пиринеите до Сибир.