Жени вработени во компанијата најавија дека ќе поднесат заедничка тужба за сексизам и разлика во платите меѓу мажите и жените.
Технолошкиот гигант Google се соочува со сериозни проблеми откако 60-тина сегашни и поранешни вработени жени во компанијата најавија дека ќе поднесат заедничка тужба за сексизам и разлика во платите меѓу мажите и жените. Според нив, станува збор за полова дискриминација од страна на Google.
Во овој правен процес засегнатите жени ги застапува Џејмс Фајнберг, адвокат за граѓански права, кој вели дека неговите клиентки тврдат дека и покрај истите квалификации и исти работни позиции, заработуваат помалку од своите колеги мажи во сите сектори на Google. Фајнберг досега интервјуирал 30 жени вработени во Google кои тврдат дека заработуваат 40.000 долари помалку од нивните машки колеги за истата работа.
Некои од жените кои му пристапиле на адвокатот вложиле големи напори и се мачеле да напредуваат во кариерата бидејќи Google наводно има „непријателски настроена работна култура“ кон жените. Од компанијата ги негираат ваквите трдења и обвинувањата дека жените се дискриминирани кај нив.
Google се најде на насловните страници викендов откако 28-годишниот инженер Џејмс Даморе напиша мејл во кој тврди дека жените биолошки имаат помалку шанси да дојдат до врвот на технолошкиот свет, особено во оваа компанија. Тој пред неколку дена доби отказ за кршење на правилникот за однесување во компанијата.
Додека технолошкиот гигант ги отфрла тврдењата за постоење сексизам и родова нееднаквост во однос на платите, бонусите и унапредувањата во рамки на компанијата, Фајнберг се надева дека овој случај би можел да има огромно влијание врз технолошката индустрија, нагласувајќи дека Google не е сам во Силиконската Долина.
Извршниот директор на Googl,e Сундар Пичаи изјави дека вработените имаат право да го изнесат своето мислење, но дека содржината на мејлот била навредлива.