Рускиот претседател Владимир Путин предложи дека Русија би требало да има сопствена верзија на Wikipedia со цел да се претстави во „добар и модерен облик”.
Во тој проект ќе бидат вложени 27 милиони долари до 2022 година.
Руските власти на 1 ноември добија овластување за исклучување на интернетот во земјата, а владата планира да создаде инфраструктура за „суверен“ интернет, што го претстави како неопходност за одбрана против надворешните сајбер напади.
Русија сака да се заштити од сајбер напади, поради што нејзините експерти создале систем за заштита на сопствените компјутерски системи, што им овозможува на Русите да работат преку интернет и без пристап до Светската мрежа WWW (World Wide Web).
Според критичарите, пак, тоа е само еден од начините на кои Русија сака да ги изолира своите граѓани од светот и неговите влијанија.
Русија и претходно најавуваше дека планира да тестира свој интернет. Според порталот d-Russia, тестирањето на изолираноста на мрежата ќе почне после 1 ноември и ќе се повторува најмалку еднаш годишно.
Се верува дека руската Влада зависноста на ИТ секторот од Западот ја смета за своја слабост, која другите нации можат да ја искористат против Русија.
Изолацијата на руската интернет инфраструктура, која честопати се нарекува Рунет, е проследена и со законодавство кое ги ограничува руските граѓани да пристапуваат до одредени веб-страници.