Facebook соопшти дека од корисниците ќе бара да прифаќаат таргетирани реклами и огласи како услов за користење на услугите кои ги нуди компанијата. Станува збор за помош во одржувањето на компанискиот бизнис модел во голема мера непроменет и покрај новиот закон за заштита на приватноста кој наскоро ќе го воведе Европската унија.

Од следниот месец, стапува на сила законот во државите од ЕУ со кој се гарантираат најголемите промени на приватноста уште од почетокот на интернетот. Компаниите се соочуваат со големи парични казни доколку собираат или користат податоци за корисниците без нивна дозвола.

Роб Шерман, заменик директор за приватност во Facebook, изјави дека оваа социјална мрежа од денес ќе започне да бара дозвола од Европејците за различните начини на кои Facebook ги користи нивните податоци, но нагласи дека нема да може да се избегне таргетираното огласување и реклами.

„Корисниците на Facebook ќе можат да го ограничат типот на податоци кои што огласувачите ги користат за таргетираните реклами, но сите огласи на Facebook веќе се во некоја мера таргетирани, а тоа важи и за офлајн огласувањето“ истакна Шерман.

„Екрани на дозвола“ е техниката која ќе ја користи Facebook, а станува збор за страници исполнети со текст за кои е потребно да се притисне копче за да се продолжи понатаму, а служи за известување и добивање одобрение. „Екраните ќе се појавуваат на страницата на Facebook и на апликациите за паметен телефон во Европа од неделава, а глобално ќе бидат достапни во текот на наредните месеци” заклучува Шерман.

Извор: Klix.ba