Рускиот претседател Владимир Путин потпиша закон со кој се забранува користењето на VPN и други технологии кои им овозможуваат на корисниците да добијат анонимен пристап до веб страници.
Новиот закон влегува во сила на 1 ноември и претставува уште еден голем удар за интернет слободата.
Викендов се појави и информација дека Apple ги отстранил најголемите ппликации за VPN од App Store во Кина, за да ги исполни прописите донесени претходно оваа година, кои бараат виртуелните апликации да бидат експлицитно лиценцирани од кинеската влада.
Според државната новинска агенција РИА Новости, Леонид Левин, претседател на парламентарната Комисија за информатичка политика и технологија во Зборнаја, изјавил дека законот не е насочен кон „воведување на нови забрани за граѓаните кои ги почитуваат законите“. Тој тврди дека целта е да се забрани пристап до нелегални содржини.
Опсегот на она што се смета за „нелегални содржини“ во Русија, меѓутоа, значително се зголеми во текот на третиот мандат на Путин како претседател, додека владата остварува повеќе контрола над пристапот на луѓето до интернет и онлајн содржините. Како што забележува невладината организација „Freedom House“, „законите за борба против екстремизмот се користат како изговор за блокирање на политичка содржина, често без судски надзор“.
Во 2015 година Владата усвои нова легислатива, која бара сите кориснички податоци на руски граѓани да се чуваат единствено на руски сервери, а минатата година усвои нов закон кој бара снабдувачите на телекомуникациски услуги и интернет провајдерите да ги задржат податоците за сообраќај до една година – факт кој го принуди давателот на VPN услуги Private Internet Access, да стави крај на своите руски операции.