Walmart работи на технологија за препознавање на лицето за да детектира фрустрирани или незадоволни купувачи.
Технологијата ќе ги користи камерите поставени во продавниците на касите и ќе ги следи изразите на лицата на купувачите за да детектира незадоволство.
Доколку системот детектира незадоволен купувач, ќе ги извести вработените во другите делови од продавниците и ќе им нареди да појдат до касата за да го намалат незадоволството на купувачот. Од Walmart се надеваат дека технологијата ќе им помогне на продавниците да го подобрат корисничкото искуство пред да се пожалат купувачите.
„Полесно е да се задржат постојните купувачи отколку да се привлечат нови преку реклами. Честопати доколку има неадекватно корисничко исксутво тоа нема да се појави во податоците кои стигнуваат до менаџментот се додека не се изгубат клиентите. Со оглед на големата конкуренција, клиентите попрвин ќе појдат на друго место отколку да се жалат на услугата“ се вели во поднесениот патент.
Walmart не само што ќе ги користи податоците за подобрување на услугата туку ќе го следи однесувањето на купувачите во текот на определен период. За да се анализира однесувањето на купувачите системот ќе ги асоцира изразите на лицето на купувачите или биометриските податоци со нивните трансакциски сметки, односно ќе следи колку трошат и што купуваат.
Според Walmart, на ваков начин ќе се детектираат промени во навиките на купувачитте кои се последица на незадоволство. Walmart и претходно тестираше технологија за препознавање на лице, но ја напушти програмата затоа што беше неефикасна. Во 2015 година компанијата ја тестираше технологијата во повеќе продавници за да ги детектира потенцијалните крадци и да спречи кражби.