Социјалната мрежа Facebook работи на изградба на сопствен виртуелен „универзум“ базиран на виртуелна реалност, пренесува BBC.

Тој се вика Horizon и ќе им понуди на корисниците можност да се соберат, комуницираат, играат игри во виртуелен простор каде што ќе се идентификуваат со свој анимиран аватар. Апликацијата се очекува да биде тестирана во почетокот на 2020 година. Детали за нејзината подготовка беа дадени од Facebook за време на конференцијата на развивачи Oculus Connect 6.

Компанијата соопшти дека секој што сака да „патува“ во Horizon, ќе може да се потпре на помошта на вистински „водичи“ – вработени во компанијата, чија цел е да ги запознае корисниците со виртуелната околина. Покрај тоа, социјалната мрежа ќе обезбеди алатки со кои секој може да „изгради“ свој дел од виртуелниот свет, како и да создаде личен аватар. Универзумот Horizon е создаден со „анимирано“ чувство и ќе може да се користи со уред за виртуелна реалност на Facebook Oculus Quest. Секој што сака ќе може да се запише за учество во почетните тестови на апликацијата.

Лансирањето на Horizon, сепак, значи дека сегашните „виртуелни локации“ во социјалната мрежа Facebook Spaces и Oculus Rooms ќе бидат затворени. Во исто време, покрај експанзијата на Facebook во VR, Samsung сопира со поддршката на некои свои развои, како што е технологијата Gear VR, пренесува BBC. Јужнокорејскиот технолошки гигант објави дека новиот смартфон Galaxy Note 10 и Note 10 Plus нема да бидат компатибилни со Gear VR.

Според експертите на компанијата, побарувачката за такви додатоци што се продаваат покрај паметните телефони ќе се намали за сметка на самостојните уреди, како што е Oculus Quest.