Заедно со новите модели во серијата Mate 30, Huawei го претстави и првиот телевизор со своето име, кој е практично идентичен со Honor Vision и Vision Pro, објавени во август. Уредот повторно ја користи Harmony OS платформата и првично ќе биде достапен со дијагонален екран од 65 и 75 инчи, а 55 и 85-инчните модели се очекуваат подоцна.
Телевизорот доаѓа со 4K Quantum Dot панел со тенки странични рамки и подвижна камера за спроведување повици, што се крие кога не се користи. Додадена е и можност за работа како хаб за поврзување паметни домашни уреди, но тие мора да ја користат технологијата HiLink.
Huawei Vision вклучува разновидни можности со AI, поддржува говорни команди, па дури има и можност лично да ги идентификува и следи луѓето, така што тие ќе бидат во кадарот. Вклучена е опција за лесно споделување на содржини од телефоните на Huawei.
Контролата е преку далечински управувач со тачпад, што се полни преку USB-C. Засега нема информации за цената на телевизорот и за продажба надвор од Кина, но многу веројатно ќе го видиме и во Европа.