Истражувачи од Нов Зеланд го претставија првото детално гледиште за молекуларниот механизам, кој на некои видови риби им овозможува да го променат полот.
Припадници на околу 500 видови риби можат да го променат полот кога ќе пораснат и кога тоа го бараат околностите.
Со истражувањето на еден вид тропски риби чии женки можат да станат мажјаци, откриено е дека промената на полот најверојатно е покрената од стрес. Се наведува дека стресот влијае на тоа да се исклучат првобитните женски гени на рибите, а да се вклучат нови, од машки пол.
Процесот бара целосно репрограмирање на генетските информации на рибата.
Станува збор за риби кои живеат под заштита на еден мажјак. Доколку се случи нешто и мажјакот го снема, неговата улога ја презема најголемата женка која ги менува боите за само неколку часа и се претвора во мажјак за 10 дена и може да произведува сперма.
„Со децении е мистерија како полот може толку спектакуларно да се менува. Гените не се променети, така што најверојатно постојат сигнали кои ги вклучуваат или исклучуваат модификациите“, вели професорката Џени Грејвс.
Извор: B92.net