Мала шведска стартап компанија наречена Wheelys ќе проба да се натпреварува со Amazon во креирањето на продавници без продавачи и касиери со автоматизиран “чекаут“, односно плаќање на производите.
Но, по првиот тест во Шангај годинава, компанијата сега се префрла на сосема нова и необична идеја – автономна продавница која постојано би се движела низ улиците, наречена Moby Mart.
Moby Mart би била продавница на тркала со големина на помал автобус, а идејата е дека евентуално би користела вештачка интелигенција и компјутерска визија за навигација низ градските улици – за разлика од сегашниот прототип кој е контролиран од луѓе. Ваквите продавници би биле опремени со основни продукти како свежа храна, но и магазини.
Како и во концептот на автономна продавница на Amazon, и во Moby Mart ќе нема редици од луѓе на каси, касиери и користење на кеш. Потребно ќе биде само со смартфонот да ги скенирате продуктите кои ги купувате и Moby Mart апликацијата автоматски ќе ја изведе трансакцијата за вас.
Од компанијата која во партнерство со кинески универзитет ќе ја „оживее“ оваа технологија, велат дека продавницата ќе може самата да вози до складовите за да повторно ја надополни робата и дека купувачите ќе можат самите да ја „повикаат„ да дојде на нивната локација. Замислена е и опција за испорака на робата со дронови, но сега засега нема никакви детали околу тоа како би се реализирале овие амбициозни идеи.
Ваквите мобилни продавници би биле корисни во неразвиените урбани области со ограничен пристап до квалитетна храна и останати основни потреби, а Wheelys планираат да го тестираат новиот прототип во Шангај – со план повеќе продавници да се произведат во 2018-та.