Американскиот технолошки гигант Apple објави дека ќе инвестира девет милијарди дански круни (810 милиони евра) во дата-центар во Данска, кој  ќе користи само енергија од обновливи извори.

Центарот во Абенрау ќе вработува меѓу 50 и 100 работници. Изградбата ќе почне во последното тромесечје годинава, а ќе заврши во првото тромесечје на 2019 година.

Apple ќе го користи центарот за обработка на податоци од ајМесиџис, како и за одговори во програмата-планер Сири, како и за симнување на песни од ајТјунс, рече директорот на Apple за нордиските земји, Ерик Станов.

Суперкомпјутерите во дата-центрите генерираат огромно количество топлинска енергија, па заради тоа трошат и многу струја за разладување. Затоа компанијата бара алтернативен начин за добивање на потребната енергија.