На почетокот од следната година ќе биде пуштена во продажба новата конзола на Atari која заедно со џојстик и уште еден контролер ќе се продава по цена од речиси 400 долари.
Еден од трендовите на гејмерскиот пазар во изминатите години е носталгијата – Nintendo го претстави NES Classic, Sony го претстави PlayStation Classic, а љубителите на Commodore 64 можат да купат нова конзола со стари видео игри и да се потсетат на тоа како било да се биде гејмер во осумдесетите и почетокот на деведесетите години од минатиот век.
Во тие години голема популарност уживаше и Atari, а минатата година на Indiegogo беше претставена новата верзија која привлече повеќе од 11 илјади луѓе кои вкупно вложија околу 3 милиони долари.
На гејмерскиот саем „Е3“, од Atari најавија дека нивната конзола конечно ќе биде пуштена во продажба на почетокот од идната година, а сите кои што вложиле пари на Indiegogo ќе ја добијат својата конзола кон крајот на оваа година.
Сепак, се поставува прашањето колкава ќе биде побарувачката по оваа конзола, затоа што колку и да уживаат луѓето во носталгичните игри, сепак Atari ќе се продава по висока цена, односно цена повисока од нов PlayStation и Xbox.
Atari VCS 400 доаѓа со процесор на AMD и 4 GB RAM меморија, додека моделот V800 има 8 GB RAM меморија. Цената на самата конзола изнесува 250, односно 280 долари за помоќната верзија, но сепак ќе треба да се купи и џојстик на Atari за кој е потребно да се плати дополнителни 50 долари, како и контролер кој чини 60 долари. Тоа значи дека џојстикот и контролерот не се испорачуваат заедно со конзолата, па цената ќе порасне на 390 долари.
Ако се спореди со NES Classic и PlayStation Classic, тогаш Atari е навистина прескап, иако хардверски е помоќен и ќе пристигне со повеќе можности – покрај класични игри, ќе поддржува и помодерни игри, ќе може да се врши стриминг на видео и да се слуша музика.
Извор: Zimo.hr