Кога ќе биде завршенa, оваа фабрика ќе отстранува по еден милион тони јаглерод диоксид годишно, што е еднакво на ефектот од засадување на 40 милиони нови стебла. Зафатениот, односно отстранетиот јаглерод диоксид, фабриката ќе го трансформира во гориво, во комбинација со водород. Интересно е дека според тврдењето на компанијата, ова гориво ќе може да го користат и постоечките автомобили, камиони и авиони, без модофикации на моторите.
Со цел запирање на глобалното загревање, или барем негово задржување на ниво од 2 степени целзиусови, во текот на овој век, нема да биде доволно само намалување на емисиите на стакленички гасови и користење на обновливи извори на енергија. Токму поради тоа, голем број компании се заинтересирани за технологии кои ги ублажуваат последиците од емисиите на штетни гасови, односно го извлекуваат јаглерод диоксидот од атмосферата., а потоа го складиштат и го трансформираат во гориво кое не остава јаглероден отпечаток.
Споменатите процеси, сепак чинат прескапо за да имаат широка примена, но тоа би можело наскоро да се случи благодарение на компанијата Carbon Engineering Ltd, која уште од 2015 година стартуваше со пилот проект во оваа област. Сега компанијата има доволно средства за својата прва фабрика во која ќе се извршуваат овие процеси, а системот за отстранување на штетниот гас во моментот троши 100 УСД по тон, што е граница до која некоја технологија се смета исплатлива. Од друга страна, богатите инвеститори во оваа технологија вложуваат поради атрактивноста на бизнис планот, па од компанијата велат дека веќе привлекле некои инвеститори од Силициумската долина.