Оваа тема ќе им биде позната на оние од вас кои почесто патувате со авион, а веројатно и доста често имате размислувано за оваа „мистерија“. Сигурно во текот на летот имате забележано дека на прозорецот од авионот се наоѓа мало дупче. Но, зошто тоа се наоѓа таму?

Не грижете се, бидејќи нема потреба за паника. Баш тоа мало дупче е еден од главните фактори за безбедноста во авионот.

Малата дупка е таму поставена со причина – за да не падне притисокот за време на летот. Со помош на оваа дупка се регулира притисокот бидејќи на поголема висина притисокот од надворешните страни на авионот паѓа, за разлика од регулираниот константен притисок во кабината.

Разликата во притисоците претставува голем удар на прозорците од авионот, кои се направени од три слоеви стакло.

Поради оваа мала дупка воздухот струи помеѓу средниот и надворешниот слој. Дупчето се наоѓа на средниот слој и тоа овозможува „дишење“ кое го изедначува притисокот во кабината и воздухот кој се наоѓа внатре во прозорецот.

Уште една придобивка од ова мало, навидум небитно дупче, е тоа што прозорците на авионот не се замаглуваат и не замрзнуваат, бидејќи преку него се ослободува влагата која се собира помеѓу стаклата.