Денес стапува на сила наредбата на американската администрација која кинескиот телекомуникациски гигант Huawei го става на црната листа во САД.
Министерот за трговија, Вилбур Рос, најави синоќа во интервју за Bloomberg дека денес таа наредба ќе стапи на сила.
Покрај тоа, американскиот претседател Доналд Трамп потпишал наредба во која се забранува на фирмите во САД да користат телекомуникациска опрема од оние компании кои се сметаат дека претставуваат ризик за националната безбедност.
Во наредбата на Трамп не е конкретно наведена ниту една земја или компанија, но американските претставници претходно го означиле Huawei како “закана” и лобирале кај сојузниците да не користат мрежна опрема од Huawei за 5G мрежа, потсетува Reuters.
Портпаролот на Министерството за трговија во Пекинг, изјави вчера дека Кина остро го осудува едностраното воведување на санкции на други земји на кинеските правни лица и смета дека концептот на националната безбедност ќе се злоупотребува.