Во текот на викендов, во надворешниот дел на Скопје Сити Мол може да се погледне несекојдневна автомобилска изложба која опфаќа олдтајмери, но дава призвук и кон електричната иднина.
ФОТО: Никола Бурагев
Ова Ауто Шоу, како што велат организаторите, има за цел да послужи како своеивиден времеплов обединувајќи го минатото преку најстарите автентични олдтајмери, сегашноста – преку актуелната комерцијална понуда на автомобили и секако иднината која треба да биде електрична, особено преку ексклузивните модели на Tesla.
Сите љубители на автомобилската индустрија, но и сите кои уживаат во индустрискиот дизајн, како и следбениците на технологијата имаат можност да пропатуваат низ времето преку оваа изложба, а во внатрешноста на Скопје Сити Мол можат да погледнат и електрични велосипеди и тротинети.
“Ние секогаш ќе даваме дополнителна вредност на посетителите на Скопје Сити Мол, овозможувајќи несекојдневни изложби и искуства за нив. Ги следиме трендовите и ни е исклучително важно да придонесуваме за заштита на животната средина и токму поради тоа на почетокот на годината ги инсталиравме и првите полначи за електрични возила во паркингот на Скопје Сити Мол”, истакна Валентина Николовска, менаџер за комерцијализација во Скопје Сити Мол.