Големите археолошки откритија честопати почнуваат со некоја мала трага, а понекогаш се ископуваат и сосема случајно. Таков беше случајот при откривањето на неверојатна археолошка локација во Англија, кога експертите пронајдоа благороднички гроб во близина на супермаркет, за кој се вели дека е англиска верзија на раскошната гробница на фараонот Тутанкамон, објави Би-Би-Си.
Кога научниците во 2003 година дознале за археолошкото наоѓалиште кое било откриено при реконструкција на улица во Есекс, тие не претпоставувале дека таму ќе го пронајдат најстариот пример на христијански англосаксонски кралски погреб.
Кралската гробница била пронајдена меѓу паб и супермаркет „Алди“, а археолозите откопале десетици ретки артефакти, бидејќи гробницата била недопрена повеќе од илјада години.
Врз основа на фрагменти од забната глеѓ на погребаниот благородник, експертите сметаат дека веројатно се работи за гроб на англо-саксонски принц од 6 век.
Прво се претпоставуваше дека станува збор за гробот на Сајберт, саксонскиот крал на Есекс, но деталната анализа покажа дека гробот бил изграден помеѓу 575 и 605 годона, односно најмалку 11 години пред неговата смрт.
Поради тоа, археолозите претпоставуваат дека ова е гробницата на Сеакс, братот на Сајберт.
По 15 години професионална и детална анализа, некои артефакти ќе бидат вратени во Саутхенд за првпат да бидат изложени во Централниот музеј.
Во рамките на дрвената конструкција на гробницата, на површина од четири квадратни метри, археолозите пронашле околу 40 ретки и скапоцени предмети.