Пластичниот отпад почнал да се собира и во претходно недопрените делови на норвешкиот Арктик, предупредиле научниците.

Научниците посебно се загрижени поради огромната концентрација на микропластични делови во морскиот мраз. Пластичниот отпад е пронајден во секој дел од Арктикот кој го истражувале.

Норвешките рибари сега стравуваат дека нивните резерви риба, поради загадувањето, би можеле да се најдат на лош глас.

Инаку, повеќето од овој отпад се состои од фрлена опрема за риболов, а ќе минат стотина години пред човештвото да излезе на крај со последиците од непромислената употреба на морето како депонија.

Во меѓувреме се огласил и норвешкиот министер за заштита на животната средина, кој наведува дека политичарите досега не биле во полна мера запознаени со сериозноста на овој проблем.

Научниците во текот на истражувањето ги набљудувале зоопланктоните, безрбетниците, рибите, морските птици и цицачите.

Резултатите покажале дека само во еден литар стопен арктички мраз има до 234 честички пластика, што е многу повеќе отколку во отворен океан.

Причина за тоа е пловењето на пластиката до површината на морето, каде најпрво се формира мразот.

Научниците се загрижени дека пластиката би можела да има многу негативно влијание на морскиот живот еднаш кога мразот ќе се стопи, и загадената вода дојде до морето.

Едно од најзагрозените подрачја е Свалбард. Истражувањето спроведено во таа област во 70-тите години покажало дека многу малку пластика има во стомаците на морските суштества.

Анализата од 2013. година покажала, меѓутоа, дека повеќе од 200 различни животински видови имаат пластика во својот дигестивен систем.

Други видови животни, како ирвасите, можат да изедат пластика и да умрат. Научниците ги пронаоѓаат нивните тела секоја година.

Извор: Kurir.rs