После бројните пресметки и анализи, од компанијата за анти-вируси, Kaspersky Lab открија колку луѓе „илегално“ ја гледале првата епизода од осмата и последна сезона од Игра на тронови.
Ноќта помеѓу неделата и понеделникот љубителите на Игра на тронови со нетрпение ја исчекуваа премиерата на првата епизода од финалната сезона на популарната телевизиска серија.
Од ХБО објавија дека „на некој начин“ првата епизода од осмата сезона ја гледале дури милијарда луѓе досега, но многумина ги интересираше колку имало илегални прегледи преку стриминг или торенти.
Од познатата компанија за анти-вируси, Kaspersky Lab објавија дека првата епизода илегално била прегледана дури 55 милиони пати само во првите 24 часа.
„Додека финалната сезона од Игра на тронови е во тек, шокантен е фактот дека оваа серија е пиратизирана дури 54,261,910 пати. Обично првите и последните епизоди привлекуваат најмногу гледачи, па со самото тоа го привлекуваат и вниманието на сајбер криминалците. Овие измамници ја користат нетрпеливоста на луѓето, па често на стриминг сервисите нудат малициозни програми. За да не бидете жртва на тоа, најдобро е да ги користите легитимните извори на содржина“, изјави Дејвид Ем, главен истражувач за безбедност во Kaspersky Lab.
Најновата анализа која ја објави руската компанија открива дека илегалните преземања на филмови и серии често се употребуваат за преку нив да се шири малвер, а фановите на Игра на тронови моментално се под најголем ризик.