Феноментот „инфлуенсер“ и неговата моќ да пренесе важни пораки кон јавноста преку социјалните медиуми беше главната тема на денешната конференција „Нови комуникациски трендови – инфлуенсер маркетинг”, што се одржа во Скопје во организација на Македонската асоцијација на агенции за маркетинг (МААМ). На конференција присуствуваа претставници од Адријатик регионот.
Идејата е поврзување на експертите и професионалците од регионот за споделување на искуства и знаења, во насока на што подобро имплементирање на новите трендови во комуникациските стратегии на овие пазари.
„Ние во регионот не размислуваме многу за глобалните трендови зашто секогаш мислиме дека тоа се случува некаде далеку од нас, дека тоа не влијае на нас, ние сме тука многу поразлични, но всушност реалната состојба е дека доаѓаат нови генерации кои не размислуваат на начин на кој што размислувавме ние. Важно да ги сфатиме трендовите, но и да видиме како овие трендови да ги приспособиме во нашиот регион, кај луѓето кои живеат тука и на кои ние им ја пласираме содржината за гледање. Технологија што го зазема првото место во нашиот регион е телевизија. И покрај фактот што гледањето телевизија во просек се намалува како во регионот, така и во Америка, сепак телевизијата е медиум што може да понуди најмногу информации и затоа голем број рекламни агенции ја бираат токму телевизијата како свој медиум за рекламирање. Србија е првата држава во регионот што најмногу гледа телевизија, просечно гледање на телевизија е 5,2 часа. Младата популација гледа два часа, а постарата генерација гледа преку седум до осум часа телевизија“, рече Љубица Вукчевиќ од агенцијата Direct Media од Србија.
Сопственикот на Huge Media и телевизиски коментатор во Спорт Клуб од Србија, Срџан Ерцег, посочи дека за интернетот сите мислат дека е бесплатен, но тоа не е точно.
„Ништо во светот не е бесплатно, дури ни интернетот, но тој е од големо значење зашто ние секојдневно комуницираме и се информираме преку интернет. Според информациите од нашата компанија, најмногу луѓе во Македонија просечно користат Google, Facebook, YouTube, Instagram, Реклама5 и time.mk. Дигитализацијата е најмногу во тренд во светот. Најважно е секој од нас да ја знае технолигјата и да го следи трендот во светот. Сепак знаењето е клучно. Тоа секогаш е во тренд. Секогаш е во тренд да научите нешто, прочитате, и пред се да се информирате, да дознаете некоја приказна. Секој кој работи во рекламна агенција на својот потрошувач мора да му ја каже својата приказна“, додаде Ерцег.