Долината на смртта е позната како најниската, најсушната и најтоплата локација во Северна Америка, сместена во пустината Мохаве. Во неа нема никакви водени пространства, па кога минатата недела одеднаш се појави огромно езеро, тоа беше причина за голема возбуденост и мистерија.
Во националниот парк Долина на смртта по обилните врнежи дожд во близина на популарното подрачје Салт Крик се појави огромно мистериозно езеро долго 16 километри. Ова чудо на природата го сними фотографот Елиот Мекгукен кој случајно се нашол таму и останал без зборови пред глетката што се појавила пред неговите очи кога скршнал по патот за Бедвотер Бејсин.
„Чувството е надреално кога ќе видите толку многу вода во најсушното место на континентот. Иако не успеав да стигнам на местото каде што бев упатен, го видов најверојатно најимпресивното нешто на светот и ги направив најуникатните фотографии на сите времиња“, изјави Мекгукен за SFGate.
Кога прв пат го здогледал езерото, силни ветрови удирале по површината на водата. Одеднаш ветрот стивнал и езерото се смирило. Шефот на одделот за едукација и толкување во Националниот парк Долина на смртта Патрик Тејлор му рекол на Мекгукен дека ова е најголемото езеро што некогаш се создало таму.
View this post on InstagramA post shared by Elliot McGucken 45EPIC (@elliotmcgucken) on