По скоро цели две години чекање, Tesla конечно на заинтересираните клиенти ќе го понуди долгоочекуваниот Model 3 по цена од 35.000 долари
Кога пред неколку години, првиот човек на Tesla, Илон Маск, го најави доаѓањето на ценовно прифатливиот електричен седан, главната „мамка“ за купувачите беше цената од 35.000 долари (не сметајќи ги субвенциите со кои на некои пазари автомобилот дополнително ќе поевтини).
Сепак, при лансирањето на моделот во 2017 година, кога Model 3 конечно ја виде светлината на денот, се појави само поскапата, побогата верзија, а нешто по прифатлива верзија беше лансирана во 2018 година.
Сега, конечно Tesla на клиентите ќе ја понуди ветената ефтина варијанта од 35.000 долари. Ова значи дека, кога станува збор за Америка, во зависност од сојузната држава во која живее новиот сопственик, клиентот ќе заштеди уште неколку илјади долари (на пример, во Масачусетс, дури и 6.250 долари, па така таму најевтиниот Model 3 ќе чини 28.750 долари).
Што значи ефтина Tesla Model 3? Тоа значи помал радиус на движење – со целосно наполнети батерии можат да се пропатуваат 354 км, а внатрешноста на автомобилот многу по скромно опремена.
Седиштата се обложени со обичен текстил, а нивното прилагодување, како и прилагодувањето на воланот, се врши рачно, а не со електрични контроли како кај поскапите верзии. Навигациониот уред во евтиниот Model 3 има помалку функции и содржина, а аудио системот исто така е со поскромни карактеристики.
Сепак и вака осиромашената варијанта на Model 3 е во состојба од 0 до 96 km/h да забрза за 5.6 секунди пред да стигне до максимум од 209 km/h.
За разлика од оваа, Tesla нуди и нешто побогато опремена варијанта, а не многу поскапа, верзијата Standard Range Plus којa овозможува автономија на возење од 386 километри, а има и електрично прилагодување и греење на предните седишта, како и понапреден аудио систем, LED светла… Овој Standard Range Plus 3 до стотка забрзува за 5,3 секунди, со максимална брзина од 225 km/h.
За Standard Range Plus верзијата потребно е да се одвојат 37.000 долари (без државни субвенции).