Американските компании инсталирале 28.478 роботи за една година, што е најмногу досега. Причина е сè поголемата продажба на роботи, како и фактот дека голем број фирми можат да си дозволат поевтини и пофлексибилни машини.

Во САД во 2018 година се испорачани 16 проценти повеќе роботи од 2017 година, соопшти Здружението за унапредување на автоматизација од Мичиген. Испораките на роботи се зголемени во сите сектори, освен во автомобилскиот, каде се намалени нарачките бидејќи корисниците набавиле голема количина алати потребни за производство на новите модели на камиони.

Но, затоа пак, другите сектори се заинтересирани за вештачка интелигенција. Испораката на произведувачите на електроника се поголеми од 50 проценти.

Потребата за автоматизација во САД е сè поголема, бидејќи компаниите настојуваат да ги намалат трошоците за работа.