Сите медали на Летните олимписки игри (ЛОИ) и на Параолимписките игри (ПО) што ќе се одржуваат идната година во Токио ќе бидат направени од рециклиран електронски отпад, соопштија организаторите. Проектот почна во 2017 година, за да се собере доволно електронски отпад, вклучувајќи и стари паметни телефони и лаптопи.
Целта беше да се соберат 30,3 килограми злато, 4.100 килограми сребро и 2.700 килограми бронза. Бронзата беше собрана минатиот јуни, а организаторите до октомври имаа повеќе од 90 проценти од златото и 85 отсто од среброто. Тие велат дека се на пат да стигнат до 100 проценти во март.
Рециклираниот метал е собран од јапонската јавност, како и од бизнисот и од индустријата. До ноември 2018 година беа собрани 47.488 тони отфрлени апарати, при што јавноста собра уште пет милиони телефони.
„Се проценува дека преостанатите количества метал потребни за производство на сите олимписки и параолимписки медали можат да се извлечат од уредите што веќе се донирани“, велат организаторите.
Организаторите ќе ги објават дизајните на медалите до крајот на годинава.