Арктичката зона на Русија станува недостапна за сите средства за воздушен напад, без разлика дали станува збор за туѓи авиони, хеликоптери, беспилотни летала или разни видови ракети. Сето тоа ќе биде навремено откриено и, во случај на потреба, гарантирано уништено. За таа цел во одредени зони над Поларниот круг се поставуваат радарски станици од новата генерација.

Еден од таквите радари што открива неупадливи воздушни цели на големи растојанија е „Резонанс-Н“. Извор на агенцијата ТАСС во руската воена индустрија соопшти дека покрај петте радари од овој тип веќе нарачани од Министерството за одбрана на РФ, Генералштаб намерава да распореди на Арктикот уште пет такви станица. Овие радари се специфични по тоа што откриваат на небото и хиперсонични објекти.

Иако нема потврдени докази дека хиперсонични ракети слични на руските „Кинжал“, „Циркон“ и „Авангард“ се прават на Запад, руските генерали сепак одат чекор напред и ги покриваат поларните подрачја со радарите „Резонанс“ со голем опсег со фазирана антенска решетка.

Производителите споменуваат цела низа значајни предности на овој радар во однос на другите радарски системи. Пред сé, „Резонанс-Н“ открива на небото дури и цели со мали димензии и оние направени со употреба на „стелт“ технологија на оддалеченост од 10 до 1100 километри. Да речеме, непријателски авион-ловец, кој лета на висина од 10 км, најновиот радар ќе го открие на растојание од 350 километри. Радарот автоматски ги квалификува објектите, ги одредува нивните координати и параметрите на нивното движење.

Оваа радарска станица може да следи 500 објекти. Податоците за целта автоматски ги праќа до ракетните системи. Екипажите на противвоздушната одбрана ги добиваат од овој радар сите податоци за објектите што го повредуваат воздушниот простор на Русија, неопходни за да се донесе одлука. Згора на сè, „Резонанс“ постојано го анализира попречувањето на сигналите во зоната на својата одговорност и во случај на потреба се штити автоматски.

Познато е дека овој радар може да работи како во кружен режим, така и во рамките на даден сектор. Покрај решавање на мирнодопски задачи, тој навремено ќе предупреди за воздушен напад и ќе ги снабдува со податоци руската авијација и противвоздушната одбрана за време на борбените дејствија.

За Арктик е посебно важен фактот што радарот функционира на температура од -40 степени Целзиусови при налети на ветар од 50 метри во секунда. Покрај тоа, модулите на „Резонанс“ лесно се превезуваат со автомобилски, железнички, воден и воздушен транспорт.

Според информациите од отворени извори, три вакви радарски станици веќе се распоредени во Арктичката зона на Русија, меѓу другото и на Нова Земја.

Извор: Russia Beyond