Двa вселенски сателита што носат имиња на ликови од еден од најпознатите анимирани филмови на Pixar, станаа вселенски пионери бидејќи ја содржат најновата технологија наречена CubeSat со која можат да оперираат длабоко во вселената.
НАСА призна дека изгубила контакт со двата MarCO (Mars Cube One) сателита наречени WALL-E и EVE, кои не даваат никакви знаци еден месец откако го одминаа Марс.
Двата сателита беа лансирани заедно со роверот InSight Mars и ѝ помогнаа на НАСА да го следи неговото слетување на Црвената планета.
Мисијата MarCO требаше да одреди колку длабоко во вселената може да отидат – и притоа да функционираат – мали сонди со CubeSat технологија.
Затоа, откако го одминаа Марс, WALL-E и EVE продолжија понатаму низ Сончевиот Систем, но потоа прекинаа да примаат и да пренесуваат команди и податоци.
WALL-E моментално е на оддалеченост од 1,6 милиони километри од Марс, а EVE е отидена уште подалеку – на 3,2 милиони километри од Црвената планета.
НАСА признава дека има многу мала веројатност дека ќе успеат да стапат во контакт со сондите летово. Тие орбитираат околу Сонцето и се очекува да се доближат повторно до Земјата. Сепак, не е сигурно дека нивната опрема ќе го издржи долгото патување.
Сепак, тимот на НАСА смета дека мисијата MarCO забележала „спектакуларен успех“ бидејќи покажала дека толку мали и релативно евтини сонди може да оперираат толку длабоко во вселената. Сондите беа со големина на актовки и чинеа по околу 18,5 милиони долари.
Извор: Klix.ba