Ford Motor и групата Volkswagen формираа алијанса која подразбира здружување на силите во сферата на комерцијалните и пикап возила.
Покрај ова, двете страни ќе истражуваат можности за соработка во развојот на електрични погони и автономни возни системи што би заштедило милијарди долари.
Партнерството, кое стартува со продажба на ванови и средно големи пикап возила, нема да вклучува спојување на иста основа, се вели во соопштението од двете компании. Алијансата ќе биде раководена од заедничка комисија, во која се вклучени и генералните директори.
„Потезите што ќе ги преземеме во рамките на Алијансата може да влијаат на голем број бизнис планови за клучните региони. Едвај чекаме да почнеме да ви откриваме детали во следните неколку недели“, рече шефот на Ford, Џим Хакет, во писмото до своите вработени.
Ford ќе биде одговорен за инженеринг и производство на камионети со средна големина за двете компании, за кои се очекува во производство да влезат во почетокот на 2022година. Ford исто така, ќе ги произведува поголемите комерцијални возила за европскиот пазар, а Volkswagen ќе развива и произведува урбани карго ван модели.
Компаниите проценуваат дека оваа соработка ќе придонесе за подобри финансиски резултати почнувајќи од 2023 година.