Една од најинтересните вести оваа сезона ни пристигнува од Редмонд, од каде протекоа информации, кои се уште се непотврдени, дека Microsoft врз основа на Chromium проектот гради нов веб-прелистувач, со кој ќе го замени Microsoft Edge.
Иако Microsoft Edge, најавен пред три години заедно со Windows 10, беше чекор во вистински правец конечно да се истреби проблематичниот Internet Explorer, EdgeHTML стандардот се повеќе се мачи да се спротивстави на Chromium стандардот.
Веста за откажувањето од Edge, најпрвин ја најави сајтот Windows Central, а потоа и The Verge. Двата сајта дури и се извинија на компанијата Microsoft, поради тоа што не чекаа компанијата тоа прва да го објави официјално.
Споменатите сајтови објавија дека кодното име на проектот, односно замената на Edge со Chromium базиран веб-прелистувач е “Anaheim“.
Chromium преовлада на пазарот, воглавно благодарение на употребата на мобилни телефони и таблети и најголем број од програмерите ги оптимизираат и од почеток ги создаваат своите сајтови за да бидат компатибилни со Chromium стандардот. Тоа автоматски означи и помало интересирање на програмерите за EdgeHTML, иако во суштина не беше полош.
Прифаќањето на Chromium стандардите ќе го означи и прогонот на Microsoft на популарниот Chrome прегледник, на кој сите бевме сведоци – од пораките, кои компанијата им ги испраќаше на корисниците на Windows 10 против овој бразуер, до големите анти Chrome кампањи.