Ракетата „Сојуз МС-11“ со тричлен екипаж, синоќа се спои со еден од модулите на рускиот сегмент на Меѓународната вселенска станица (МВС), соопшти портпаролот на руската државна корпорација за вселенски активности „Роскосмос“.
Според неговите зборови, ракетата се споила со рускиот сегмент во 20:33 часот по московско време, по што екипажот чекал два часа да влезе во МВС, време потребно да се изедначат притисоците во ракетата и на станицата, пренесува ТАСС.
Руската ракета вчера беше лансирана од космодромот Бајконур во Казахстан. Таа успеа да однесе руски, американски и канадски космонаути на Меѓународната вселенска станица. Ова е прво лансирање на ракета со екипаж, по неуспешната мисија во октомври годинава.
На ракетата се наоѓаа космонаутите Олег Кононенко од Роскосмос, Ен Меклејн од НАСА и Давид Сен-Жак од Канадската вселенска агенција.
Лансирањето беше суспендирано два месеци, откако на 11 октомври, ракетата, на која беа космонаутите Алексеј Овчинин и Ник Хаг, се расипа две минути по полетувањето, но космонаутите безбедно се приземјија.