Како пријатели и вљубеници на сите науки, со задоволство ја отстапуваме оваа наша платформа на луѓе кои работат надвор од полето на астрономијата. Затоа се радуваме што нашиот пријател Д-р Горан Кунгуловски повторно ја прифати поканата да одржи предавање за генетиката и персонализираната медицина, поточно за можностите за лекување на канцери. Во духот на темата, ова предавање ќе биде и донаторско, односно сите средства од влезниците ќе бидат донирани за лекување на Цаци, кај која е дијагностицирана глиобластома. https://www.gofundme.com/gzwvp-caci.
Предавањето ќе се одржи во четврток, на 22. ноември во Амфитеатарот при Факултетот за електротехника и информациски технологии со почеток во 20 часот.
За предавањето: Сите клетки следат одредена клеточна програма која што е дефинирана од возиграта на генетските и епигенетските фактори. Бидејќи клеточните програми се пластични, при појавата на канцер доаѓа до отстапување од нормалните клеточни програми кон програми коишто водат до неконтролиран и нерегулиран раст. Во текот на ова излагање ќе разговараме за факторите кои што ги претвораат нормалните клетки во канцерни. Исто така, ќе стане збор и за три пристапи кои што во не многу далечна иднина ќе ни помогнат да го елиминираме или целосно контролираме ракот.
И оваа година, Скопско Астрономско Друштво организира Циклус предавања на популарни астрономски теми. Циклусот започна на 18.10.2018, а предвидени се 7 предавања од различни области во астрономијата, со актуелни и интересни теми, но и едно предавање од биомедицината на тема која е актуелна и од особено значење. Циклусот е од популарен карактер и е така конципиран што за негово следење не се потребни предзнаења. Предавањата тематски не се директно поврзани помеѓу себе.
Распоредот на предавања е следен:
- Живот на Марс
- Мисијата Касини
- Темниот Универзум
- Космологијата низ вековите
- Теорија на струни
- Терапија и рана детекција на рак: каква иднина ни претстои?
- Црни дупки
- Ајнштајновите теории на релативитет
Цената за секое поединечно предавање изнесува 100 денари. За членовите на Скопско Астрономско Друштво и за студентите од ФЕИТ, Машински факултет и ФИНКИ – Скопје влезот ќе чини 50 денари од предавање (притоа посетителот треба да покаже членска карта или индекс).
Циклусот е поддржан од Факултетот за електротехника и информациски технологии. За повеќе информации слободно пишете ни на [email protected] или јавете се на 076 439 027.