Светски познатата диџејка и продуцент, една од најдобрите германски музички селектори, Тама Сумо, ќе настапи во Клуб Епицентар во Скопје на 23 ноември (петок).

Тама Сумо е сите работи кои ги обожаваме во Берлин и во хаус музиката, споени во едно. Како диџеј работи веќе 25 години, од нејзиниот прв настап во барот Drama во берлинското маало Kreuzberg во 1993. Ова е важен момент за берлинската сцена, бидејќи Drama e еден од првите барови со свои диџеи за викендите и една од малкуте локации низ Берлин во тој момент во која се пуштала хаус музика, а не техно. Оттогаш наваму Tama Sumo била резидент во познатиот Tresor и Ostgut, а моментално е резидент DJ во култниот берлински клуб Berghain/Panorama bar.
Позната по својата колекција од 15.000 плочи, нејзините сетови секогаш изненадуваат со спој на повеќе музички стилови, претежно комбинација на нов и класичен хаус и техно со диско и afrobeats. А покрај нејзината репутација како еден од најдобрите диџеи моментално во Берлин, Тама Сумо е и гласен активист за правата на ЛГБТИ заедницата.
Настапот кој ќе се случи во Епицентар на 23.11.2018 е во рамки на Telekom Electronic Beats, а билетите може да ги набавите преку мрежата на karti.com.mk и mktickets.mk по цена од 300 ден.