Новиот напредок во технологијата на оптички влакна може да го направи интернетот 100 пати побрз од досегашниот, преку детектирање на светлина која патува во спирала.
Истражувањето објавено во магазинот Nature Communications тврди дека новите напредоци можат да бидат употребени за да се надградат постоечките мрежи и значително да ја зголемат ефикасноста.
Фибер оптичките кабли користат пулсови на светлина за да пренесуваат информации, но засега информацијата може да биде зачувана само преку бојата на светлината и преку хоризонтални и вертикални бранови.
Група инжинери веќе подолго време работи на креирање на нов начин на пренос на информација преку светлината, па дојдоа до напредок кој вклучува „виткање на светлината“. Преку виткањето на светлината во спирала, инжинерите ефективно креираат трета димензија преку која светлината може да пренесува информација: орбитален аголен моментум или вртеж.
„Слично е како ДНК-та на човекот, може да се спореди со двојната хеликс спирала. Колку повеќе се користи аголниот моментум – толку повеќе информации можат да се пренесуваат“, вели Мин Гу од Универзитетот РМИТ.
Истражувачите од САД веќе креираа оптичко влакно кое може да ја витка светлината, но тимот на Мин Гу е првиот кој произведе детектор во нормална големина кој може да ја прочита информацијата која ја носи светлината во спирала. Претходните детектори беа со големина на кујнска маса, но новиот детектор е со дебелина на влакно од човечка коса.
„Можеме да го произведеме првиот чип за мобилен телефон кој може да го детектира вртењето и кршењето на светлина. Во иднина, тоа би можело да биде најбрзиот начин да се поврзете на интернет“, вели Гу.
Доколку работите се одвиваат според планот, светот би можел да ја види првата хипербрза интернет мрежа веќе во 2020 година. За да се имплементира оваа мрежа во домот на секој корисник, ќе мора да се инсталираат посебни оптички кабли.