Личните предмети на починатиот теоретски физичар Стивен Хокинг наскоро ќе бидат понудени на аукција, а меѓу нив ќе бидат стручните научни документи, но и сценариото на анимираната ТВ-серија „Симпсонови” и – неговата инвалидска количка.
На продажба преку интернет, што денеска ја објави аукциската куќа „Кристи” ќе бидат ставени 22 предмети на познатиот космички визионер, вклучувајќи ја и неговата докторска дисертација за потеклото на вселената и некои од неговите многубројни награди.
Една од неколкуте високотехнолошки колички што ги користеше Хокинг, целосно парализиран поради амиотрофична латерална склероза (АЛС) од која страдаше, ќе им биде понудена на клиенти по цена од 10 000 до 15 000 фунти, додека приходите од продажбата ќе одат на две хуманитарни организации.
Томас Венинг од „Кристи”, вели дека инвалидската количка на Хокинг стана симбол не само на инвалидитетoт туку и на неговата смисла за хумор. Имено, Хокинг еднаш поминал со тркалата на количката преку нозете на принцот Чарлс, и потоа, наводно, се пошегувал дека би сакал да и го сторел истото тоа на поранешната премиерка Маргарет Тачер.