Од зависноста кон смартфоните страдаат не само човечките односи, но и односите на луѓето со нивните миленичиња, особено односите со кучињата.
Кучињата може да се растажат кога нивните сопственици го фокусираат поголемиот дел од своето внимание врз екранот на смартфонот. Британски ветеринари предупредуваат дека тоа може да се изрази во промена на нивното однесување, пишува британскиот весник „Дејли мејл“, цитиран од агенциите.
Кучињата имаат потреба од постојани повратни информации и од постојана интеракција со своите сопственици. Тие сакаат да им се допаднат, вели Иан Бут, ветеринар и основач на организацијата Ветеринари на Обединетото Кралство (VetUK).
„Ние сепак сме опседнати од своите мобилни телефони и оваа зависност од нив ја збунува важната врска која ја одржуваме со домашните животни, особено со кучињата и во помала мера со домашните мачки“, предупредува експертот.
Без фидбек од луѓето на кои тие се приврзани, кучињата можат да станат тажни и емоционално подистанцирани.
Иан Бут потсетува дека кучињата се навикнати нивните сопственици да управуваат секој дел од нивниот живот. Луѓето ги хранат, им покажуваат каде имаат право да одат и каде не, но ако луѓето постојано го вперуваат својот поглед во смартфоните, оваа витална врска се раскинува и кучето доживува емоционален шок, објаснува стручњакот.
Според податоците на британската организација наречена „Прочистување од дигиталните технологии“, возрасните поминуваат просечно на ден по 9 часа и 30 минути со поглед вперен во екраните. Ова е повеќе време отколку што спијат.