Како прв избор се наметнува YouTube, но постојат далеку подобри и попрактични алтернативи што не се толку извикани
Во некоја друга ера ги чекавме најомилените песни на радио за да ги снимиме на касети и се лутевме кога ќе ги прекинеше гласот на водителот. Потоа ги „режевме” албумите на дискови, бидејќи поради високата цена не можевме сите да ги имаме на оригинален носач на звук. Доаѓаме во времето кога поседувањето на музика паѓа во втор план. Сега сакаме стриминг, социјално искуство, препораки од глобалната заедница која го дели нашиот вкус и нови начини на откривање на музика.
Но, како до музика бесплатно? Многумина од вас најпрво ќе посегнат по YouTube, што воопшто не е лоша идеја, но постојат и далеку подобри и попрактични алтернативи што не се толку развикани. За вас ги истраживме тие алтернативни страници и како да ги користите, па да тргнеме со ред.
Како прв избор ќе ви го претставиме Jamendo.com. Она што е посебно кај него е дека не може да се пронајде комерцијална музика. Имено, Jamendo е заедница на бесплатна музика објавена под лиценцата Creative Commons. Тоа значи дека целата музика е бесплатна за преземање, редистрибуирање, па дури и ремиксување, се додека тоа не го правите во комерцијални цели. Сепак, одредени албуми имаат модифицирани лиценци, па не би било лошо да се провери дали можете да искористите некоја песна во вашата работа.
На почеток, предлагаме да се регистрирате со клик на Sign up now во горниот десен агол на страницата. Причините за регистрација се многубројни. Ако имате корисничка сметка, ќе можете да составувате плејлисти, пишувате рецензии за албумите, да стапите во контакт со музичарите, па дури и да поставите сопствени дела. Откако ќе ја довршите регистрацијата, погледнете го менито на врвот на страницата. Секцијата Music ви овозможува прегледување на музичката колекција според албуми, изведувачи, тагови и уште неколку критериуми.
Ако ја означите опцијата Selections, ќе ви се отвори паѓачко мени со разни колекции музика, како на пример листа од топ 100 најслушани песни. Опцијата Community ќе ве одведе до форумот на Jamendo, разните групи, листа на членови и рецензии на албуми. Страницата е многу добро организирана и секој албум можете да го преземете од брзите линкови. Ако ја поврзете сметката со Facebook, односно Twitter профилот, албумот ќе можете да го споделите со своите пријатели.
Ако посакате комерцијална музика, Grooveshark е вистински избор за вас. На оваа страница можете да пронајдете непрегледна количина популарна музика, и тоа целосно легално. Создавањето на акаунт е бесплатно и овозможува комуникација со другите корисници на сличен начин како и Twitter. Можете да следите други корисници и со нив да ги делите омилените песни.
Исто така, можете да подготвите плејлисти за подоцна. Интерфејсот е многу добро осмислен и по отворањето на страницата веднаш ќе ви биде јасно што и како функционира. На средина на страницата се наоѓа стандарден пребарувач преку кој можете да ги барате песните/авторите, а ако причекате неколку секунди по внесувањето на првите букви, ќе добиете листа на предлози што ги содржат.
Во долниот десен агол на екранот се наоѓа опцијата Radio со помош на која можете да пуштите некоја од станиците сортирани исклучиво според жанровите на музика. Квалитетот на звукот е одличен, како и брзината на репродукцијата. Нема застој, ниту дисторзија на звукот, а огромниот избор на музика и добро одработениот технички дел го прават Grooveshark еден од најдобрите сајтови од овој тип.
Овој веб сервис беше популарно интернет радио пред стримингот да стане „ин” и полека излегува од мода, но тоа не значи дека ќе го одминеме, посебно имајќи на ум дека и натаму ја поседува една од поголемите бесплатни музички колекции.
Вљубениците во музичките сервиси сигурно веќе слушнале за Last.fm и знаат се за него. Овој сервис е замислен како онлајн заедница на љубители на музика. Она што го издвојува од првите два примера е што скоро за секој популарен програм за репродукција на музика постои екстензија која овозможува испраќање на информации за она што моментно го слушате на вашиот Last.fm профил.
Last.fm ја чува историјата за се што некогаш сте слушале, па по некое време добивате прегледни увиди за тоа што и колку слушате. Она што не интересира во контекст на овој текст е Last.fm radio. За жал, не е бесплатен, туку е потребно да се плати претплата која месечно изнесува три долари. Самиот факт за претплата е причина многумина да го заобиколат, посебно поради другите бесплатни сервиси. Сепак, плаќањето се однесува исклучиво на радиото, па со посетување на страниците на одредени албуми и натаму можете да слушате мноу работи бесплатно, но таква музика на Last.fm има се помалку и помалку.
SoundCloud не е место за оние кои сакаат само и исклучиво да ги преслушаат новите хитови што во последните половина час неколку пати се завртеле на радио станиците, иако не е лишен и од нив. Наменет е повеќе за оние што ги интересира за тоа што ново се снима, микса и репродуцира и воедно е место на кое можете да најдете дела на различни музичарикои на тој начин се промовираат и се приближуваат до пошироката публика.
(Бесплатната) регистрација ви овозможува неограничено слушање на музика и до 180 часа поставена сопствена музика. На страницата отрпилика секоја минута се „закачуваат” нови 12 часа музика, од познати изведувачи до неразвикани музичари кои што сега пробуваат да станат познати.
Во своите почетоци, SoundCloud беше фокусиран на делење на оригинални аудио записи, како еден вид музички Flickr или Vine, а во 2012 беше редизајниран и малку го промени својот фокус, што го поздравија слушателите, но со негодување го проследија авторите. Новата платформа која дојде со редизајнот е насочена на оние што ја конзумираат музиката, но за тоа и се работи во овој текст. Сервисот е достапен и на мобилните уреди – барем оние што работат на iOS и Android.
Слушајте музика преку многубројните веб радио канали. Вклучете се во заедницата и форумот и пребарувајте и слушајте мзика по сопствен избор. Можете да создадете корисничка сметка со вашиот Facebook профил и да ја активирате бесплатната верзија на сервисот. Таа важи само за компјутерите и таблет уредите и можете да слушате огромен број бесплатни албуми во целост, но со по некоја реклама меѓу песните.
iOS и Android верзиите за смартфони не овозможуваат бесплатна сметка и треба да плаќате 7 евра месечно ако сакате да ја користите премиум услугата, без реклами и со подобар квалитет на звук.
Како се чувствувате денеска? Така ја бирате музиката на Musicovery, интерактивно интернет радио што го подесувате по своите желби, односно расположенија. На самата насловна страница се наоѓа плоча на која означувате како се чувствувате, а сервисот според тоа ви сервира музика. Песните што ги слушате ги оценувате, па така музиката што дополнително се подредува според вашите интереси.
Музичкиот избор можете да го подесите по жанр, години или деценија или само да со играте со плочата на расположенија, која искрено е најзабавен дел. Постои и платена верзија на системот, без реклами на интерфејсот, со поголем квалитет на звук и можности да ги слушате само своите омилени песни, а по цена од само 99 центи месечно. Сервисот е достапен и како iOS и Android апликација, па музиката можете да ја слушате во движење и да ги менувате расположенијата како што се менува времето на доаѓање на вашиот јавен превоз.