Верзијата со хибриден погон ќе користи 2.0 бензински агрегат и два електрични мотори
Honda ова лето го претстави новиот CR-V за европскиот пазар со само еден погонски агрегат – 1,5 литарски VTEC турбо бензинец, а купувачите ќе можат да изберат помеѓу погон на предните тркала или погон на сите тркала.
Новиот CR-V стандардно доаѓа со 6-степен мануелен менувач, додека CVT преносот ќе биде достапен во 4×4 верзијата. Со 6-брзински мануелен менувач, CR-V располага со 173 КС и 220 Nm вртежен момент, а со CVT – 193 КС и 243 Nm вртежен момент.
Сега, од Honda за 2019 година, најавуваат уште една опција што се однесува до погонскиот систем, хибридна верзија како замена за претходната дизел варијанта. Воедно, ова ќе биде првиот CR-V со хибриден погон во Европа.
Автомобилот моќноста ја добива од 2.0 литарски i-VTEC бензинец и два електрични мотори. Системот за директен пренос има еден степен на пренос, како и кај електричните автомобили, а за складирање на електрична енергија се користат литиум-јонски батерии. Вкупната комбинирана моќност на хибридниот систем е 184 КС, а максималниот вртежен момент е 315 Nm.
Автомобилот е опремен со интелигентна Multi-Mode Drive (i-MMD) технологија која автоматски го избира оптималниот режим на возење за да постигне највисока можна ефикасност.