Археолозите во Египет пронајдоа статуа на сфинга во храмот во Ком Омбo, велат египетските власти.
Сфингата била пронајдена додека се вршеле работите околу заштитата на храмот од подземните води.
Храмот се наоѓа околу 40 километри северно од Асуан.
Генералниот секретар на египетското Министерство за антиквитети, Мустафа Вазири, рече дека статуата со тело на лав и човечка глава потекнува од периодот на Птоломејското Царство.
На почетокот од оваа година, во храмот Ком Омбо археолозите пронајдоа и биста на римскиот император Марк Аурелие.
Египетските власти се надеваат дека ваквите откритија ќе придонесат за развој на туризмот во Египет, кој е загрозен од политичките превирања по востанието во 2011 година.