Samsung Bixby е личниот асистент со вештачка интелигенција на компанијата, кој официјално дебитираше со Galaxy S8 на почетокот од минатата година. Корејскиот производител има обезбедено голем број на ажурирања за да ги подобри перформансите на услугите, а денес Bixby може да разбере многу повеќе јазици и поддржува нови поинтересни функции. Интеграцијата на хардверското копче за услугата во смартфоните од серијата Galaxy исто беше сериозен обид на Samsung да го промовираат својот виртуелен асистент со вештачка интелигенција меѓу корисниците.
Претседателот на Consumer Electronics дивизијата на Samsung, Ким Хун-Сук направи интересно соопштение во кое посочи дека компанијата може да побара помош од Google, за да го направи Bixby подобар за корисниците. Податоците се од неговото интервју за време на изложбата IFA 2018 во Берлин. Ким Хун-Сук изрази мислење дека гледа неколку различни начини на кои партнерство со Google ќе ги оптимизира можностите на личниот асистент, пријави SamMobile. Најинтересен е интеграцијата на услугите и апликациите на Google во Bixby.
На овој начин, многу повеќе луѓе ќе можат да ги користат на нивните уреди. Samsung не продава само паметни телефони, туку и таблети, принтери, паметни часовници, ладилници, телевизори и други паметни уреди. Нивното партнерство ќе користи на двете страни. Bixby моментално го користи Google за пребарување, но може да ја прошири оваа функција со навигацијата на Google Maps, отварање музика од YouTube и друго. Се уште не знаеме како овој проект ќе биде развиен од двете од најголемите технолошки компании.