На денешен ден пред 20 години, двајца студенти го регистрирале Google како приватна компанија, а пред 10 години започна со работа и прелистувачот наречен Google Chrome.
Како што наведува британскиот Metro, на 4-ти септември 1998 година, двајцата студенти Лари Пејџ и Сергеј Брин одлучиле нивната животна мисија да биде организација на сите информации во светот со цел сите да можат да ги користат.
Оттогаш, Google стана место кое на луѓето ширум светот им помага да пронајдат одговори за некои едноставни, но и тешки прашања, а понекогаш дури и некои банални прашања.
Во меѓувреме, Google прерасна во империја која на корисниците им помага не само да пристапат до (бес)корисни информации, туку им дава и насоки преку Google Maps, помага тие меѓусебно да бидат во контакт преку Gmail или ги учи луѓето да врзат вратоврска со помош на снимка од YouTube.
Google на корисниците им овозможува да комуницираат на повеќе од 100 јазици преку Google Translate, како и да истражат места кои никогаш не би можеле да ги видат без Google Earth.